Општина Пехчево ги информира граѓаните дека во наредниот период на просторот на Еко парк „Езерце“ ќе се реализираат активности во рамки на проектот „Партерно уредување и поставување на урбана опрема на Еко парк „Езерце““.
Со цел безбедно и непречено изведување на градежните работи, локалната самоуправа апелира до граѓаните да не го користат просторот на паркот, како и поставените реквизити, урбаната опрема и останатите содржини сè до целосното завршување на проектот и неговото официјално пуштање во употреба.
Од Општината посочуваат дека посетителите не треба да се движат во зоните каде што се изведуваат градежни работи, да влегуваат во оградените делови на градилиштето, ниту да ги поместуваат заштитните огради, сигнализацијата и предупредувачките ознаки. Посебен апел е упатен до родителите и старателите да внимаваат децата да не пристапуваат до просторот каде што се одвиваат активностите.
Надлежните нагласуваат дека ограничувањата се привремени и се воведуваат исклучиво заради безбедноста на граѓаните, како и за квалитетна и навремена реализација на проектот.
Општина Пехчево упати благодарност до граѓаните за разбирањето и трпението, додавајќи дека јавноста навремено ќе биде информирана за официјалното отворање на Еко парк „Езерце“ по завршувањето на сите градежни работи и исполнувањето на безбедносните услови.
