Филипче изрази жалење што, како што кажа, владејачката коалицијата не направила ништо да собере мнозинство во Парламентот да се изгласа Изборниот законик.
„Власта не се обиде да го собере Бадинтеровото мнозинство. Ние помогнавме, го прифативме предлогот да се намали бројот на потребни потписи за пријавување на кандидатурите од еден отсто што го укина Уставниот суд, на 0,5 отсто, што мислиме дека е фер и дека добро го регулира тој простор“, рече Филипче.
На прашањето дали независните кандидатури може да повлечат нивни гласови на изборите, Филипче не одговори, но посочи дека лично ја поддржува волјата на независните и на граѓаните да кандидираат свои кандидати.
„Сметам дека со тоа се зголемува можноста за избор на граѓаните и сметам дека треба да има кандидати. А ние, нормално, ќе се бориме со целиот наш демократски капацитет и со сите демократски инструменти за да ја добиеме довербата на граѓаните“, потенцира Филипче.
СДСМ на локалните избори, според него, ќе води позитивна кампања.
„Ние нема да се спуштиме на тоа ниво. Ќе водиме добра, позитивна кампања. Ќе ги промовираме нашите кандидати и нашите добри политики. Ќе бидеме генерално фокусирани на локалните теми, но ќе се задржиме и на дел од централните теми, бидејќи сметаме дека е важно луѓето да знаат за кого гласаат“, истакна Филипче.
Тој кажа дека не се точни изјавите дека неговата партија заедно со ДУИ подготвува дестабилизација и хаос за локалните избори. Такво сценарио, рече Филипче, ниту има, ниту размислуваме да има. Според него, СДСМ е фокусирана на демократски механизми против власта.
„Ги слушаме тие обвинувања од премиерот подолг временски период наназад дека СДСМ заедно со ДУИ и не знам со кој подготвува некакви сценарија за дестабилизација. Ништо од тоа не е вистина. Досега требаше да се случи некаква дестабилизација бидејќи тој за тоа обвинува подолг временски период, не само сега. И тоа е нешто што му е потребно, едноставно нема со што да се пофали, нема никаква добра политика. Гледате што се случува во економијата, има поделби“, изјави Филипче на новинарско прашање на денешната прес-конференција во партијата.
Ветувања на ВМРО-ДПМНЕ од 2024 година, според него, останале неисполнети.
„Подобри услови за преговори со Европа, но тоа не се случи. Албанија и Црна Гора не претекнаа, додека стандардот во Македонија стагнира“, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ рече дека не се консултира со Заев за политички прашања. – Зоран Заев веќе не се занимава со политика. Моите одлуки тука политички ги градиме заедно со раководството, рече Филипче на прес-конференцијата во седиштето на партијата.