На прес-конференција за Предлог-законот за високо образование, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека образованието со години било предмет на различни „експерименти“ кои, како што рече, оставиле последици врз неговиот квалитет, затоа сега потребата од промени е „очигледна“.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска во однос на носењето на новиот закон за високо образование изјави дека процесот бил целосно трнаспарентен или, како што кажа таа „не е одглумена дебата“.
„За разлика од предходниот закон за високо образование во 2018, за којшто немаше никаква јавна расправа, а се оштети целата акедемија и опшптество, сега е поинаку. Се сретнавме со сите, ги слушнавме вработените на јавните и привантите установи, на научните институти и МАНУ, од каде прифативме многубројни сугестии. Тие помогнаа за подобрување на текстот на законот“, изјави Јаневска.
Јаневска додаде дека се справиле и со наводни дезинформации, кои како што посочи таа, доаѓале од „центрите за моќ на влијание на јавното мислење“.
„Не е точно дека се нарушува автономијата на универзитетите, дека ќе се укине вонредното студирање, дека ќе можат да студираат само деца од богати семејства кои подоцна ќе се вработуваат наместо најдобрите, или дека државата не им плаќа на професорите за објавување научни трудови“, изјави Јаневска.
На единственото новинарско прашање, дали има место за дијалог со опозицијата која не ги поддржува измените и кога законот ќе стаса на расправа во Парламентот, Јаневска одговори дека веќе воспоставуваат разговори со опозицијата, јавно и парламентарно.
„Немам впечаток дека опозицијата не го подржува законот, има поддршка бидејќи тука се присутни лица од академијата на кои им е важен просперитетот на земјава. Во образованието нема политика, односно досега имало и затоа сме стасале до овој степен“, рече Јаневска без конретно да одговори кога законот ќе стаса на собраниска расправа.
Единствениот студент на прес-конференцијата, Александар Николовски, член на групата за реформи во високото образование, и поранешен претседател на УСС УКИМ, посочи дека Националното студентско тело кое ги претставува сите студенти во државата сè уште не е формално признаено, бидејќи не е предвидено во законот.
Тој се осврна и на мандатите на студентските претставници кои со новиот закон е предвидено да траат 2 години со право на реизбор.
„Во делот на мандатите, студентските претставници немаат побарано тие да траат две години со можност за реизбор. Нашето барање беше тие да траат 2 години без право на реизбор. Сметаме дека доколку мандатите траат 4 години (со реизбор) се нарушува демократијата и дел од студентите нема да имаат шанса да се вклучат во студентското организирање“, посочи Николовски.
Николовски предупреди и на намалувањето на бројот на студенти во универзитетските совети, како и на користењето на кумулативниот просек при избор во звање, оценувајќи дека „кумулативниот просек ги маскира разликите меѓу циклусите, кандидат може да има просек 6 на додипломски, а 10 на магистерски“.
Тој исто така укажа и дека за состанокот студентите не биле навремено известени.
„Во однос на функционалноста на Координативното тело во високото образование, претседателот на Владата напомена дека ќе направи сè за да се задржат младите, јас тоа навистина го почитувам, но на овој состанок само јас сум претставник на младите, имам 25 години. Другите претставници од Националното координативно тело не се тука, бидејќи состанокот беше закажан вчера во 14 часот, помалку од 24 часа однапред. Ако сакаме инклузивни процеси и да ги слушнеме младите, тие треба навремено да бидат известени“, рече Николовски.
Во врска со финансирањето на универзитетите, кое што според Николовски е клучно за функционалноста на образованието, тој предупреди дека треба да се внимава.
„Ќе напоменам дека 42 милиони евра се вложуваат во Универзитетот „Мајка Тереза“, кој има околу 2.000 студенти. За споредба, во 2015 година за зградите на ФИНКИ и Факултет за физичка култура беа вложени 20 милиони евра за 6.000 студенти. Во исто време, на Педагошкиот факултет во Битола во зима нема парно, студенти од Медицинскиот факултет во Штип одат на практика во Скопје затоа што Клиниката во Штип не е изградена, а на УКИМ има факултети каде што течат кровови и нема доволно греење. Имаме и студентски домови во многу лоша состојба. Во 2025 година капиталните инвестиции за УКИМ се 245.000 евра, за „Мајка Тереза“, 2 милиони евра, иако УКИМ има 23.000 студенти, а „Мајка Тереза“ 2.000“, изјави Николовски
